Фондови за почетници

Фондови за почетници

ШТО Е ОТВОРЕН ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНД?

ШТО Е ОТВОРЕН ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНД?

Отворен инвестициски фонд се основа со цел прибирање парични средства преку јавна понуда, односно издавање на удели во фондот, чии средства се вложуваат во различни финансиски инструменти (акции, обврзници, трезорски записи, депозити итн.) во согласност со определени принципи на сигурност, профитабилност, ликвидност и диверзификација на ризикот. Со инвестицискиот фонд управува Друштво за управување со инвестициски фондови врз основа на Статутот, Проспектот и Законската регулатива. Инвестицискиот фонд на своите инвеститори, односно сопственици на удели, им дава можност за инвестирање на своите средства на пазари на кои секој поединечно не би можел да инвестира, како и користење на знаењето и техниките на Друштвото за управување. Формирањето и отпочнувањето со работа на фондот го одобрува Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.

Целиот имот на фондот е поделен на еднакви делови (удели), а секој удел претставува пропорционален дел од вкупниот имот на фондот. Фондот формиран преку јавна понуда го сочинуваат средствата кои се прибрани преку јавна понуда за издавање и продавање удели, односно имотот што е стекнат со вложување на уплатените парични средства, вклучувајќи ги приходите и правата кои произлегуваат од имотот на фондот. Имотот на фондот е во заедничка сопственост на сите сопственици на удели.

Поимот „отворен“ ја нагласува обврската на Друштвото за управување со инвестициски фондови на секој сопственик во кое било време да му исплати дел или сите удели, при што на клиентот му се признава цена во согласност со одредбите на Проспектот и Статутот на Фондот. Вредноста, односно цената на уделот во фондотот се менува секојдневно во зависност од промената на цената на хартиите од вредност кои се наоѓаат во портфолиото. Вредноста, односно цената на уделот во фондот се пресметува преку делење на нето-вредноста на имотот на фондот со бројот на издадени удели, и истата се пресметува секој работен ден до 16:00 часот. Вредноста, односно цената на уделот во инвестицискиот фонд на КБ ИНВЕСТ АД Скопје може да се добие директно во седиштето на Друштвото или на неговата интернет-страница, на интернет-страницата на Македноска Берза АД Скопје, или преку телефонски повик.

ОСНОВНИ ВИДОВИ ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ

ОСНОВНИ ВИДОВИ И КАРАКТЕРИСТИКИ НА ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ

Со оглед на фактот дека повеќето фондови вложуваат во еден или во повеќе видови финансиски инструменти (акции, обврзници, депозити, инструменти на пазарот на пари итн.), постојат неколку основни видови отворени инвестициски фондови, во зависност од инструментите во кои вложуваат, и тоа:

  • Парични фондови (money market, cash),
  • Должнички фондови, односно фондови кои инвестираат во должнички хатии од вредност (fixed income, bonds)
  • Мешани или балансирани фондови (mixed, balanced), и
  • Акциски фондови, односно фондови кои инвестираат во сопственички хартии од вредност (equity, stocks).

Различните финансиски инструменти во кои се вложуваат средствата на фондот носат различен степен на ризик, како и различни можности за остварување принос. Односот помеѓу ризикот и приносот е правопропорционален, односно колку е фондот повеќе изложен на ризик (пазарни осцилации) толку повеќе носи со себе и можност за остварување поголем принос (акциски, балансиран). Фондовите кои вложуваат во хартии од вредност со помали осцилации (низок степен на ризик) по правило на подолг рок остваруваат понизок принос, но затоа нудат поголема сигурност и стабилност во вложувањата (парични и фондови кои инвестираат во долгорочни должнички хартии од вредност).

Паричните фондови вложуваат во депозити на банки, инструменти на пазарот на пари и краткорочни должнички хартии од вредност од најбонитетни издавачи. Порастот на вредноста на имотот на фондот е побавен но континуиран, додека осцилациите на вредноста на уделите практично и ги нема. Целта на овие фондови е да се заштити вложувањето од пазарните осцилации и да се осигура висока ликвидност придружена со постојан раст на вредноста на уделот, односно стабилен принос. Приносот на паричните фондови по правило е поголем од каматата на штедење по видување, а клиентите на паричните фондови највеќе го користат како начин за краткорочен пласман на вишокот на пари.

Должнички фондови вложуваат во должнички хартии од вредност, односно хартии од вредност за кои е карактеристичен помал ризик за промена на вредноста на уделот. Овие фондови настојуваат да ја зачуваат и одржат вредноста на уделите преку инвестирање во државни и корпоративни обврзници кои носат фиксна камата, а препорачан рок на инвестирање во овие фондови е најмалку 6 месеци.

Акциските фондови најголемиот дел од средствата ги вложуваат во акции со цел остварување принос на долг рок. И покрај тоа што овие фондови се сметаат за поризични од горенаведените, историски гледано, акциските фондови на долг рок оствариле најголем принос во споредба со сите останати видови отворени фондови, како и сите видови на хартии од вредност. Без поголем ризик, односно без поголеми промени на вредностите на уделите, не е возможно да се оствари поголем принос. Што е подолг рокот на инвестирање, сè помало е влијанието на осцилациите врз цената на еден удел, па оттука се препорачува роковите на инвестирање во акциските фондови да е најмалку 3 години.

Балансирани фондови или мешани фондови по својата структура и карактеристики претставуваат спој на акциски фондови и должнички фондови. Основната замисла кај овој вид фондови е да се искористи можноста за остварување повисок принос од вложувањето во акции, но истовремено и да се искористи стабилноста од вложувањето во долгорочни хартии од вредност. Имајќи предвид дека се работи за отворен инвестициски фонд што инвестира во комбинација на сопственички и должнички хартии од вредност, минималниот период на чување на инвестираните средства во овој вид фондови се движи од 2 до 3 години.

ПРЕДНОСТИ ОД ВЛОЖУВАЊЕ ВО ФОНДОВИ

ПРЕДНОСТИ ОД ВЛОЖУВАЊЕ ВО ИНВЕСТИЦИСКИ ФОНДОВИ

Професионално управување со фондовите преку почитување на основните принципи на профитабилност, сигурност и ликвидност

Вложувајќи во инвестициските фондови на КБ ИНВЕСТ АД Скопје, своите средства ги доверувате на искусни професионалци кои за вас ги вложуваат на домашниот и на странските пазари на пари и капитал.

Диверзификација на вложувањата преку купување на удели во фонд

Фондот вложува во голем број на различни хартии од вредност, во различни компании, индустриски сектори и пазари. Доколку на пазарот се појави некој негативен ефект на некои хартии од вредност, истиот може да биде неутрализиран со зголемување на цената на друг вид хартии од вредност на фондот. Со вложување во неколку фондови со различни цели, клиентот може дополнително да го диверзифицира ризикот на своите вложувања.

Достапност

За инвестирање не се потребни поголеми износи на парични средства, а истите може да се уплатуваат повеќекратно, во зависност од можностите на клиентот (програмирани уплати, нееднакви уплати во одреден временски период, инвестициски план). Со уплаќање на износите во фондот може да се оствари и подобра просечна цена на удел (таканаречен cost averaging – за истиот износ кога е ниска цената на уделот може да се купат повеќе удели, а кога е цената висока се купуваат помалку удели, со што остварувате подобра просечна цена на уделот).

Ликвидност

Преку гарантираната ликвидност на фондовите, средствата вложени во удели во секој момент им стојат на располагање на клиентите.

Повисок принос

Можност за остварување повисок принос на краток, среден и долг рок во споредба со класичниот облик на штедење, преку индиректен пристап на домашни и странски пазари на капитал и пазари на пари.

Едноставно купување и продавање

Купувањето и продажбата на удели го остварувате преку пополнување на барање за купување удели (и уплата на парични средства на жиро-сметка на Фондот), односно барање за откуп на удели и нивно поднесување директно во седиштето на КБ ИНВЕСТ АД Скопје.

Правна заштита на инвеститорите 

Правната заштита на ивеститорите се обезбедвуа преку надзор од страна на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, контрола од страна на депозитарната банка (Комерцијална банка АД Скопје), па сè до законски предвидената ревизија за работењето на Друштвото, како и секој Фонд со кој управува.

Пристап до информации

Информации за сите фондови управувани од страна на КБ ИНВЕСТ АД Скопје можат да се добијат:

  • Во седиштето на Друштвото;
  • Интернет-страницата на Друштвото;
  • Медиуми;
  • On-line известување;
  • Писмено известување; или
  • Телефонски повик.

ПРОФИЛ НА ИНВЕСТИТОРОТ

ДОЗНАЈТЕ КАКОВ ИНВЕСТИТОР СТЕ?

Пополнете го прашалникот и дознајте каков инвеститор сте.

КАКО ДА СЕ НАПРАВИ ВИСТИНСКИ ИЗБОР?

КАКО ДА СЕ ИЗБЕРЕ ФОНД?

Износот кој е разумен да се инвестира во поединечен инвестициски фонд најнапред зависи од личните преференции во поглед на ризикот и можностите на секој инвеститор. Пред секое вложување во инвестициски фонд на потенцијалниот инвеститор му се препорачува да го согледа целокупниот имот, и сегашната и идната потреба за парични средства, како и склоноста за преземање на ризик поврзан со одредено вложување. Притоа е важно својот имот да го диверзифицира со цел да не биде изложен на ризик при вложување во само еден вид на хартии од вредност, односно инвестициски фонд.